Индонезиската полиција објави дека 92 лица се уапсени за грабежи во областите погодени од земјотресот и цунамито на островот Сулавеси.
Локална телевизија пренесе дека 92 лица биле фатени со украдена стока, вклучително и моторно масло, автомобилски гуми, керамички плочки и земјоделска опрема.
Безбедноста ќе биде зајакната со цел да се обезбеди ред и мир во градот Палу, најголемиот град во погоденото подрачје, изјави денеска претставникот на националната полиција, Деди Прасетијо, пренесе агенцијата АП.
Тој нагласи дека претседателот повикал на продолжување со економските активности, но дека компаниите не можат да ја продолжат својата работа сè додека не се обезбеди сигурност.
Осомничените се од градот Палу и околните области, кои беа погодени од природна катастрофа во петокот.
Помошта бавно пристигнува до преживеаните, а очајните локални жители обиваат продавници за да обезбедат храна.