Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг свика вонреден состанок со амбасадорите на државите на Алијансата.
Амбасадорите на барање на Турција ќе разговараат за ситуацијата во Сирија. Се прецизира дека барањето е по Член 4 од Вашингтонскиот договор, според кој секоја земја од Алијансата може да побара консултации со своите сојузници доколку идентификува закана за нејзината безбедност, територијален интегритет или политичка независност.
Столтенберг синоќа ги осуди воздушните напади на Сирија и Русија во сириската провинција Идлиб.
Најмалку 33 турски војници загинаа во Идлиб од воздушни напади, за кои Турција смета дека се дело на сириската армија. Анкара се одмазди со напади против позиции на армијата на сирискиот претседател Башар ал Асад. САД повикаа да се стави крај на офанзивата на Идлиб и изразија поддршка за Турција.