Свет 23. ноември 2020. / 16:28

Трилатерална средба во Берлин за иранската нуклеарна програма

Трилатерална средба во Берлин за иранската нуклеарна програма
фото: Гети Имиџс

Германскиот министер за надворешни работи Хаико Маас денеска во Вила Борциг (резиденција на германското Министерство за надворешни работи) ги прими францускиот и британскиот колега, Доминик Раб и Жан-Ив Ле Дријан каде ќе разговараат за иранската нуклеарна програма.

Пред почетокот на средбата, која започна предмалку, од германската дипломатска служба потсетија дека министрите неколку пати јасно ставија до знаење дека го поддржуваат почитувањето на Заедничкиот сеопфатен план за акција.

– Според наше мислење, Иран систематски го крши договорот, додаде Андреа Засе на брифингот пред средбата.

Иднината на нуклеарниот договор беше доведена во прашање по едностраното повлекување на САД на 8 мај 2018 година и откако Вашингтон воведе санкциите против Техеран во областа на извозот на нафта.

Според Иран, другите учесници, претежно Европејци, не се придржуваат во целост на своите обврски во економскиот дел од договорот, кој како што сметаат во сегашната форма, нема смисла.

Иран почна да ги укинува своите обврски од Заедничкиот сеопфатен план за акција поврзани со збогатување и истражување на ураниум и објави крај на овој процес на почетокот на јануари.