Грејс Менг, сопругата на поранешниот директор на Интерпол, открила дека добила закани преку телефон, во кои ја предупредиле дека агенти ќе дојдат по неа, но порачала дека ќе продолжи да се бори да добива информации за судбината на нејзиниот сопруг.
Во првото интервју од исчезнувањето на ексдиректорот на Интерпол, Грејс Менг за АП, рекла дека изјавите кои ги дава за нејзиниот сопруг, ја доведуваат во голема опасност.
Таа рекла дека нејзиниот сопруг се водел како исчезнат повеќе од две недели за време на патот во Кина, кога на нејзиниот мобилен телефон стигнал заканувачки повик од маж кој зборувал на кинески јазик. Како што додала, човекот рекол само дека работел за нејзиниот сопруг, со што најавил дека бил дел од кинескиот безбедносен апарат.
Во соопштение, кое претходно беше објавено на официјалниот сајт на кинеската Влада, се наведува дека Менг се наоѓа под истрага во Кина, поради обвиненија за примање мито и други злосторства. Неговата сопруга тие обвиненија ги негира.
Инаку, Менг во пресрет на заминувањето за Кина, поднел оставка од позицијата шеф на Интерпол, соопшти институцијата во неделата.
За негов наследник е поставен поранешниот виш потпретседател во извршниот комитет на Интерпол, Ким Џонг Јанг од Јужна Кореја.