Свет 18. јануари 2019. / 17:37

Си разменувал пораки преку шифрирана апликација: Турски судија заврши во затвор

Си разменувал пораки преку шифрирана апликација: Турски судија заврши во затвор

Турскиот суд го осуди судијата Мурат Арслан, кој има добиено награда за заштита на човековите права, на 10 години затвор поради врски со мрежа која го организираше обидот за државен удар во 2016 година, објави агенцијата „Ројтерс“, повикувајќи се на турската државна агенција „Анадолија“.

Арслан, кој во притвор е 22 месеци, осуден е за членство во вооружена терористичка организација откако обвинителите гo обвинија за користење на шифрираната апликација за размена на пораки „Бајлок“, наведува „Анадолија“.

Тој ги негираше обвиненијата и рече дека сите докази оти ја употребувал апликацијата се фиктивни.

Турската влада вели дека забраната апликација ја користеле приврзаниците на муслиманскиот свештеник Фејтула Ѓулен, за кого Анкара смета дека е организатор на обидот за државен удар во Турција од јули 2016 година.

По неуспешниот обид за пуч, турските власти уапсија околу 77 000 луѓе и отпуштија или суспендираа повеќе од 150 000 вработени во државните институции.