Рано утринава турската жандармерија притвори речиси 500 работници на новиот аеродром во Истанбул, објавија локалните медиуми еден ден откако работниците започнаа со штрајкот.
Протестите избувнале по автобуската несреќа во петок, кога 17 работници биле повредени, рече Озгур Карабулут, генерален менаџер на унијата Дев Јапи.
Илјадници работници се приклучиле на демонстрациите, кои биле разбиени од страна на полицијата и жандармерите распоредени во возила за контрола на нередите испалувајќи солзавец, рече тој.
„Тие влегле во работниот камп со 30 жандармерии, ги срушиле вратите и притвориле околу 500 работници“, изјави Карабулут за Ројтерс по телефон. Тој рече дека зборува од локалната жандармерија каде што барал ослободување на работниците.
Опозицискиот парламентарец Али Бајар од прокурдската народна демократска партија (ХДП), рече дека бројот на приведени е околу 400 лица.
Работните места „изгледаат како логор“… Кога утрово пристигнавме таму жандармерите се уште ги затвораа работниците“, изјави Бајар за Ројтерс.
Работниците како причина за штрајкот ги наведoa несреќните случаи, лошата храна и сместувањето, како и проблеми со платите.
„Не се однесуваат со нас како со луѓе”, рече еден работник кој зборуваше и за смртни случаи на градилиштето.
Новиот аеродром, кој Турција вели дека ќе стане најголем на светот, е еден од проектите на 15-годишниот градежен бум под Ердоган кој ја надгледува изградбата на мостовите, пристаништата и железниците со кои земјата доживеа трансформација. Отварањето на аеродромот е планирано за 29 октомври.