Свет 18. April 2019. / 10:21

Се преврте автобус во Мадеира – загинаа 29 германски туристи

Се преврте автобус во Мадеира – загинаа 29 германски туристи

Во сообраќајна несреќа на автобус, кој превезувал германски туристи на португалскиот остров Мадеира, загинаа 29 лица, а 27 се повредени, соопштија португалските власти.
Автобусот, во кој бил возачот, туристичкиот водич и 55 туристи од Германија, се превртел вчера во 18.30 часот на стрмна падина, откако на кривина излетал од патот и удрил најмалку во една куќа во населено место, изјави градоначалникот на Фунчал, Филипе Соуша.

Меѓу жртвите има 17 жени и 12 мажи.

Потпретседателот на регионалната влада на Мадеира, Педро Каладо на прес-конференција рече дека повредените, меѓу кои и португалскиот возач и локалниот водич, се пренесени во локалната болница.

Португалскиот премиер Антонио Коста на Твитер напиша дека и упатил сочувство на германската канцеларка Ангела Меркел.

Со голема тага ја примив веста за трагичниот настан во Мадеира– напиша тој.

Портпаролот на Меркел, Стефен Зајберт, изјави дека „страшни вести стигнаа до нас од Мадеира”.

Ние сме во најдлабока тага за сите оние кои ги загубија животите во несреќа на автобус, напиша тој на Твитер.

Тој, исто така, рече дека германската Влада воспоставила посебна телефонска линија за луѓето, кои се загрижени за членовите на нивните семејства.

Властите соопштија дека ја испитуваат причината за несреќата.