Соединетите Американски Држави повеќе од двојно ќе го зголемат бројот на маринците стационирани во Норвешка, во согласност со плановите кои првпат беа претставени во јуни, објави денеска норвешкото Министерство за одбрана.
Планот да се зголеми бројот на маринците во Норвешка од 330 на 700 и да се премести дел од нив поблиску до границата со Русија, наиде на остра реакција од страна на официјална Москва, која тој план го нарече „очигледно непријателски”, пренесува „Ројтерс“.
Владата во Осло, која, според „Ројтерс“, е постојано загрижена поради руските воени активности од припојувањето на Крим во 2014 година, инсистира на тоа дека зајакнатото присуството на САД исклучиво има за цел обука и не треба да се толкува како воена ескалација.
Маринците треба да ја напуштат Норвешка до крајот на оваа година, откако пристигнаа во јануари 2017 година за да се обучат за борба во зимски услови.