Една рутинска сообраќајна контрола предизвика голем политички скандал во рускиот регион Саратов откако полицијата откри локален министер и една млада службеничка пијани и полуголи во државен автомобил за време на неговиот одмор.
Инцидентот се случил рано наутро на 25 мај, кога полицијата запрела возило што возело со исклучени светла. Зад воланот била жена со раскопчано боди, додека еден маж, само во маица и боксерки, спиел на задното седиште на автомобилот. Обајцата навидум биле мошне алкохолизирани.
Жената, која личела на локалната службеничка задолжена за грижа и благосостојба на децата, Марија Мишченко, се обидела да го разбуди својот сопатник тресејќи му ја ногата и викајќи му „Саша, Саша“ и им се заканувала на полицајците дека ќе имаат „проблеми“ кога тој ќе се разбуди.
Човекот на крај се освестил и ги дал документите за државното возило. Излегло дека тој е министерот за финансии на саратовскиот регион, Александар Вискребенцев, кој, според министерството, е на одмор до крајот на месецов. Тој побарал запалка од полицајците за да запали цигара, па дури и се обидел да избега од местото.
Бидејќи жената не дала никакви документи, полицајците ја однеле во блиската полициска станица, каде што одбила да биде подложена на тест за алкохол. Роднина на Мишченко за Рен ТВ изјавила дека жената не би можела да учествува во ваков инцидент бидејќи е „на породилно отсуство“ и, згора на тоа, „воопшто не пие алкохол“.
Скандалозната снимка предизвика истрага за наводна злоупотреба на државното возило. Ако излезе дека Вискребенцев ѝ наредил на Мишченко да седне зад воланот, обајцата функционери ќе ги загубат своите возачки дозволи.
„Гувернерот нареди да се создаде посебна комисија, предводена од заменик-гувернерот Игор Пивоваров, за да ги разгледа сите детали, да донесе заклучоци и да донесе одлука по ова прашање. Комисијата работи, одлуката ќе биде донесена наскоро“, изјави портпаролот на канцеларијата на гувернерот на Саратов за Газета.
Во меѓувреме извор во регионалната администрација рече дека Вискребенцев најверојатно ќе биде отпуштен веднаш штом ќе се врати од својот „одмор“.