Антивладините демонстранти во Хонгконг планираат и на Бадник да организираат собири во главните трговски центри и во популарниот туристички округ, иако полицијата предупреди дека ќе интервенира доколку ескалираат тензиите.
Полицијата соопшти дека нема да ги блокира улиците во квартот Цим Ша Цуи, каде голем број луѓе традиционално се собираат на Бадник, уживајќи во божиќните декорации.
На интернет форумите кои ги користат демонстрантите се наведува дека тие планираат да се соберат во различни трговски центри на Бадник, додека други ќе маршираат во Цим Ша Цуи и ќе го дочекаат Божик во близина на кејот.
Следната недела Цивилниот фронт за човекови права, кој организираше некои од најголемите протести во кои учествуваа повеќе од еден милион луѓе, најави уште еден марш за новогодишниот ден.
Откако протестите ескалираа во јуни, полицијата уапси повеќе од 6.000 лица, меѓу кои има голем број притворени за време на опсадата на Универзитетот во Хонгконг минатиот месец.