Свет 11. јули 2020. / 19:15

Петмина убиени во напад и заложничка драма во црква во Јужна Африка

Петмина убиени во напад и заложничка драма во црква во Јужна Африка

Пет луѓе загинале при вооружен напад на црква во Јужна Африка.

Според информациите од полицијата, нападот следел по расправија околу раководството на црквата.

Јужноафриканската полиција соопшти дека спасила мажи, жени и деца од „заложничката ситуација“ на периферијата на Јоханесбург.

Портпаролот на полицијата соопшти дека четворица луѓе биле најдени застрелани и запалени во автомобил, а застрелан бил и човек од обезбедувањето.

Уапсени се најмалку 40 лица, а запленето е и оружје. Во црквата биле пронајдени 16 пушки и 13 пиштоли, заедно со друго оружје.

Меѓународната Пентекостална света црква има три милиони членови во Јужна Африка.

Раководството на црквата, наводно, било причина за судир, откако поранешниот водач починал во 2016 година.