По вчерашниот напад на демонстранти врз хонгконшката министерка за правда во Лондон, Кина ја обвини Велика Британија дека „долева масло на огнот“ во Хонг Конг.
– Ја повикуваме Велика Британија веднаш да ги испита настаните, да направи максимален напор да ги уапси сторителите и да ги изведе пред суд, како и да ја гарантира безбедноста и достоинството на кинеските официјални претставници – изјави портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи Генг Шуанг.
Хонгконшката министерка за правда Тереза Ченг беше нападната од десетина демонстранти во Лондон, кога се подготвуваше да оддржи говор во една институција. Демонстрантите ја опколија и викаа „Убиец“, по што таа падна на земја.
Набрзо потоа таа стана и обезбедувањето ја однесе без видливи повреди, но Владата на Хонг Конг во соопштение наведе дека министерката претрпела сериозни телесни повреди. Во соопштението од владата се наведува дека миниерската веднаш ја информирала лондонската полиција и побарала случајот сериозно да биде сфатен и сторителите да се изведат пред лицето на правдата.
Шефицата на Владата во Хонг Конг, Кери Лам, исто така, го осуди инцидентот наведувајќи дека тој дивјачки чин ги минува границите на секое цивилиизрано општество.