Меѓу патниците во авионот, кој летал од Турција до Русија, избила паника кога, за само пет минути, авионот пропаднал од висина од 9.997 метри на околу 500 метри, по што ненадејно дошло до пад на притисокот во кабината, пренесуваат агенциите.
Испаничените луѓе викале и плачеле, а во авионот ербас 321 на нискобуџетната компанија Онур ер, со седиште во Истанбул, имало 226 патници и осум членови на екипажот.
На видео снимката, која ја направиле патниците откако авионот вонредно слетал на аеродром во Волгоград, на југот на Русија, се гледа како од плафонот на авионот висат маски со кислород.
„На некои патници им беше потребна медицинска и психолошка помош по ужасниот инцидент“, изјавил анонимен извор од рускиот аеродром.
Турскиот авион летнал од Анталија кон Чељабинск, град кој се наоѓа источно од планината Урал.
Според непотврдени информации, дошло до дефект на моторот на леталото.
Турскиот весник Хуриет дејли њуз јавува дека авионот вонредно слетал во Волгоград, но истакнува дека не е прецизирано од кои причини. Аеродромот во Волгоград потврди дека имало вонредно слетување, и дека друг авион бил испратен да ги собере патниците.