Британскиот министер за одбрана Гевин Вилијамсон ја посети вчера Украина, каде на украинскиот министер за одбрана му кажа дека Црното Море не ѝ припаѓа на Русија и дека Британија испратила воен брод во Црното Море за да покаже дека Киев не е сам.
Тензиите во тој регион остануваат високи, откако Русија заплени три украински брода со екипажите во Керченскиот теснец минатиот месец, обвинувајќи ги за нелегално влегување во руски територијални води, што Киев го негира.
Вилијамсон вчера се сретна со украинскиот министер за одбрана Степан Полторак и го посети пристаништето Одеса, во која вплови ХМС Еко, брод на британската Кралска воена морнарица.
-ХМС Еко е тука, бидејќи пред сѐ сакаме да демонстрираме солидарност со Украина и да го истакнеме фактот дека Украина не е сама, кажа Вилијамсон.
-Но сакаме и да покажеме дека имаме право да дојдеме во пристаништата како Одеса, право на слободно пловење и за слободата на морнариците да дејствуваат во Црното Море. Тоа не е руско море, тоа се меѓународни води, додаде британскиот министер за одбрана.