Турската војска почна нова воена операција против курдските бунтовници во северен Ирак.
Како што соопшти Министерството за одбрана, со серија воздушни напади нападнати се позициите на Курдската работничка партија (ПКК) и други терористички групи, без да бидат именувани тие групи.
Артилеријата погодила повеќе од 150 цели, јавува новинската агенција „Анадолу“.
Државната мрежа „ТРТ“ објави дека стотици војници влегле во северен Ирак од градот Улудере во турската погранична провинција Сирнак.
Оваа операција на турските воени сили во северен Ирак доаѓа непосредно откако цели на турско дејствување беше подрачјето на планините Кандил во близина на границата со Иран.
Официјален Багдад ги осуди нападите како кршење на ирачкиот суверенитет и меѓународното право.
Министерството за одбрана на Турција ја оправда новата операција како „легитимно право на самоодбрана“ од ПКК и другите терористички групи за кои вели дека ги напаѓаат турските позиции и бази.
Турција, САД и Европската Унија ја сметаат ПКК за терористичка организација.