Свет 06. јуни 2018. / 14:14

НАТО: Русија треба да го смени однесувањето, пред санкциите да бидат укинати

НАТО: Русија треба да го смени однесувањето, пред санкциите да бидат укинати

Русија треба да го смени однесувањето, пред санкциите да бидат укинати, изјави генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг на прес-конференција пред дводневната средба на министрите за одбрана на Алијансата.

– Санкциите се важни, затоа што она што Русија го направи во Украина води кон последици. Не сакаме да ја изолираме Русија, ја поздравувам поддршката на Италија за дијалог со Москва, додаде тој.

Столтенберг истакна дека НАТО сериозно ги сфаќа разликите кои се создадоа меѓу САД и ЕУ поради воведувањето увозни царини од страна на Вашингтон за европскиот увоз на алуминиум и челик.

– Верувам дека е можно да се ограничат последиците без да се ослабне НАТО, додека ги надминуваме овие разлики, коментираше тој и додаде дека трансатлантските односи се продлабочуваат со зголеменото северноамериканско воено присуство во Европа.

Генералниот секретар истакна дека последниот тенк на САД ја напуштил Европа во 2013 година, а сега се враќаат цели тенковски бригади и тоа покажува вистинска промена по повлекувањето на американските сили со крајот на Студената војна. Тој објасни дека промената е резултат на акциите на Русија.

– Сите наши активности се дефанзивни и се насочени кон воздржаност, така спречуваме конфликт, рече Столтенберг.

Според него, во НАТО неколку пати се јавиле разлики – сега се трговијата, заштитата на природата и договорот со Иран, а пред 15 години биле околу Суецката криза, повлекувањето на Франција од воената команда на Алијансата и војната во Ирак.

– Секој пат сме успевале да се обединиме околу нашата главна задача – да се одбраниме меѓусебно. Ние треба да продолжиме по тој пат, подвлече Столтенберг.

Тој најави дека во наредните денови министрите за одбрана од Алијансата ќе утврдат испраќање на уште 3.000 воени инструктори во Авганистан.

– Треба да ги убедиме талибанците дека не можат да победат на бојното поле. Тие би добиле повеќе во мировни преговори, рече генералниот секретар и додаде дека се предвидува распоредување и на нова тренинг мисија и за војската во Ирак.

Министрите, исто така, ќе разговараат за одбранбените трошоци, според првите податоци оваа година.

– Се движиме во вистинската насока, но ни останува уште многу работа, посочи Столтенберг по повод целта за постигнување на одбранбени трошоци кои би биле еднакви на два проценти од БДП на сојузниците до 2024 година.

Министрите за одбрана утре ќе усвојат одлука за назначување на 1.200 дополнителни вработени во новите командни центри на НАТО во САД и Германија, кои ќе раководат со силите за брза реакција. Ќе биде разгледан план според кој до 2020 година на располагање за активирање во рок од 30 дена би биле 30 сојузнички воени ескадрили, 30 воени бродови и 30 механизирани баталјони. Станува збор за јакнење на подготвеноста на постоечките, а не за нови сили, прецизира Столтенберг.