Рејтингот на поддршка на претседателот на САД, Доналд Трамп, на национално ниво изнесува 42%, покажува анкетата на Асошиетед прес и универзитетот од Чикаго NORC објавена денеска.
Меѓутоа, меѓу републиканците поддршката е значително поголема и достигнува 85%. Истовремено, едвај 7% од демократите сметаат дека Трамп добро ја извршува функцијата американски претседател. Според АП, рејтингот на Трамп во голема мера е непроменет во споредба со податоците од претходните анкети, наспроти започнатата постапка за импичмент.
Цели 61% од Американците тврдат дека Трамп има мала или никаква почит кон демократските институции и традиции во земјата. Околу 45% од анкетираните Американци изјавиле дека им се допаѓа економската политика на Доналд Трамп, но 55% посочиле дека не се согласни со начинот на кој претседателот ги води трговските преговори со други држави. Вкупно 56% од учесниците во анкетата, пак, изјавиле дека не можат да го определат Трамп како „чесен“.
Анкетата е спроведена од 24 до 28 октомври на 1.075 граѓани и има статистичка грешка од 4,1 проценти.