Во земјотресот со јачина од 7 степени, кој во неделата го погоди островот Ломбок, во Индонезија, загинаа најмалку 387 лица, пренесува Anadolu Agency (AA).
Гласноговорникот на Националната агенција за управување со ризици од природни катастрофи (BNPB), Сутопо Пурво Нугрохо, потврди дека е зголемен бројот на мртвите и дека на сигурните подрачја се евакуирани повеќе од 14.000 лица.
Според неговите зборови, во земјотресот се оштетени повеќе од 67.800 куќи, 460 училишта, 15 џамии, 3 болници и 10 клиники.
По разорниот земјотрес, нагласи Нугрохо, забележани се повеќе од 500 потресувања на тлото.
Ломбок на 29 јули го погоди земјотрес со јачина од 6,4 степени. Загинаа 16 лица. Истото подрачје пред два дена го погоди нов земјотрес, со јачина од 6,2 степени.