На осомничените за убиството на новинарот Џамал Кашоги ќе им се суди во Саудиска Арабија, изјави шефот на дипломатијата на оваа држава откако Турција побара тие да бидат екстрадирани.
„Што се однесува до екстрадицијата, тие се саудиски државјани. Приведени се во Саудиска Арабија, истрагата се води во Саудиска Арабија и ќе им биде судено во Саудиска Арабија“, рече Адел ал-Џубеир.
Тој ги критикуваше, како што рече, хистеричните реакции на убиството велејќи дека сè уште не е спроведена целосна истрага. „Случајот стана хистеричен“, рече тој.
Турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, во вторникот повика на осомничените да им се суди во Турција, со оглед на тоа што убиството е извршено во кругот на Конзулатот во Истанбул.
Саудиските власти на 20 октомври објавија дека уапсиле 18 лица осомничени за убиството. Турското обвинителство, пак, вчера покрена постапка за екстрадиција на 18 осомничени за учество во убиството на новинарот што се случи на 2 октомври. Два дена пред пристигнувањето на главниот саудиски обвинител во Турција, обвинителството во Истанбул му ги предаде на Министерството за правда имињата на осомничените.