Малтешката полиција денеска привела еден од најпознатите бизнисмени во државата во врска со убиството на истражувачката новинарка Дафне Каруана Галиција, јави Ројтерс. Јорген Фенек е приведен од неговата јахта во близина на Млта, соопштија два извора блиски до истрагата.
Приведувањето уследи откако вчера обвинителството објави дека ќе предложи помилување за уапсениот посредник во убиството на новинарката ако тој го посочи името на нарачателот на убиството. Галиција (53 години) пред повеќе од две години со бомба поставена под нејзиниот автомобил.
Фенек бил приведен откако со луксузната јахта „Џио“ испловил рано утринава од пристаништето Портомасо, на 8 километри од главниот град Ла Валета. Полицијата брзо се качила на јахтата и ја вратила назад. Фенек е директор и сопственик на бизнис групација, која во 2013 година добила голема енергетска концесија од Малта за изградба на гасна термоцентрала.
Во февруари 2017 година, осум месеци пред да биде убиена, Галиција на својот блог пишувала за мистериозна компанија од Дубаи, наречена „17 црно“, посочувајќи притоа дека таа била поврзана со политичари од Малта. Но, таа не успеала да дознае кој е сопственик на компанијата. Дури подоцна Ројтерс успеа да открие дека нејзин сопственик е Фенек.
Според имеил од декември 2015 година, откриен од малтешките финансиски регулатори, тајни компании од Панама во сопственост на тогашниот министер за енергетика Конрад Мици и Кид Скембри, шеф на кабинетот на владата, требало да добијат трансфери за услуги од „17 црно“, што не се посочуваат. Во имеилот се укажува дека панамските компании очекувале уплата до два милиони долари за една година од „17 црно“. Во текстот не се споменувала гасната централа и нема докази за извршени уплати.
Во октомври минатата година Мици и Скембри за Ројтерс изјавиле дека не знаат оти има врска меѓу „17 црно“ и Фенек, како и некаков план за исплати поврзани со Фенек или енергетскиот проект. Фенек исто така негирал дека имал планови да им плаќа на политичари, лица или организации поврзани со нив.