Францускиот претседател Емануел Макрон го именуваше Жан Кастекс за нов премиер на Франција. Ова го потврди и Елисејската палата.
Заменик-шефот на претседателската администрација, Жан Кастекс беше назначен за координатор за излегувањето на Франција од режимот на изолација за време на пандемијата на коронавирус. Кастекс (55) е јавен службеник, кој работел со повеќе влади.
Кастекс го заменува Едуард Филип, кој поднесе оставка порано во текот на денот. Макрон ја реконструира владата да се фокусира на рестартирање на економијата по неколкумесечно заклучување.
Овој потег ги потврди шпекулациите за реорганизација на владата откако францускиот претседател рече дека следната фаза од неговиот мандат ќе биде проследена со нов владин тим. Шпекулациите за позицијата на Филип започнаа од средината на јуни.
Во Франција, вообичаено е премиерот да поднесе оставка пред реконструкцијата на кабинетот, но тој може да биде именуван повторно на таа функција. Во реконструкцијата се очекува да бидат заменети многу членови на владата.