Германската канцеларка Ангела Меркел денеска изјави дека Германија и Франција сакаат да се основа европска војска и покрај острото противење на таквата идеја од страна на американскиот претседател, Доналд Трамп.
Новиот договор за германско-француска соработка потпишан во Ахен кој предвидува приближувања во одбранбениот сектор, придонесува за создавање на европска армија, соопшти германската канцеларка.
Меркел пред сè го спомена развојот на заедничка воена култура и заедничка воена индустрија, што се наоѓа и во новиот договор, со кој се проширен и продлабочен Елисејскиот договор од 1963 година. Францускиот претседател и германската канцеларка минатата есен изразија желба да создадат европска армија, што предизвика критики од страна на Трамп.
Тој тоа го оцени како многу навредлив проект и ги нападна изјавите на францускиот претседател Емануел Макрон кој кажа дека целта на таа армија би била да ја одбрани Европа од земји како Русија, Кина, но и САД.
Новиот француско-германски договор има клаузула за билатералната солидарност меѓу двете земји во случај на агресија, сличен на членот кој ги обврзува и земјите од НАТО. Текстот вели дека се помага со сите расположливи средства, вклучувајќи и воени, во случај на агресија врз територијата. Ова исто така важи и за терористички напади. Потпишаниот документ предвидува двете земји да ги подигнат своите односи на ново ниво и да се подготват за предизвиците со кои се соочуваат во 21-от век.
Макрон беше брз да ги осуди лагите, кои како што рече, се шират во врска со новиот договор со Германија.
-Оние кои ја забораваат вредноста на француско-германското помирување стануваат соучесници на злосторствата од минатото-рече францускиот претседател.
Од друга страна, француската екстремна десница, на пример тврди дека текстот предвидува германскиот јазик да стане административен јазик во француските региони на Алзас и Лорена.