Свет 04. јануари 2020. / 09:20

Либиските сили соборија турски дрон откако генералот Хафтар и прогласи џихад на Анкара

Либиските сили соборија турски дрон откако генералот Хафтар и прогласи џихад на Анкара

Либиската Национална Армија (ЛНА) соопшти дека соборила турски дрон над Триполи, кусо откако генералот Калифа Хафтар повика на „света војна против Турција“ заради поддршка на ривалската влада.

Според извештаите, леталото е идентификувано како „Бајрактар ТВ2“ вооружен дрон, а соборен бил откако бил забележан како следи колона од возила на ЛНА.

Во четвртокот, турскиот парламент одобри распоредување на нејзини војници и опрема во Либија со цел да помогне на меѓународно признатата влада во Либија која пак контролира само мал дел од земјата.

Генералот Хафтар, кој ја води ЛНА во име на опозициската влада со седиште во Тобрук, во петокот даде ветување дека ќе ги „соочи и протера“ странските сили.

– Прогласивме џихад и општа мобилизација за да се спротивставиме на турската инвазија, рече Хафтар и додаде дека „Турскиот пријателски народ мора да се крене против „авантуристите“ кои ја принудуваат својата војска да биде збришана во Либија“.

Либиската Национална Армија на Хафтар од април 2019-тата започна офанзива на Триполи обезбедувајќи контрола над поголемиот дел од Либија, освен длабоката пустина на југ.

Либија се распадна во хаос и граѓанска војна откако операцијата за промена на режимот поддржан од НАТО во 2011 година ја собори владата на полковникот Моамер Гадафи што ја водеше земјата од 1969 година.