Пратениците во Ерменија го избраа досегашниот лидер на опозицијата, Никол Пашинјан за премиер на Ерменија.
На вонредниот состанок на парламентот присуствуваа 100 пратеници, од кои 59 гласаа „за“.
Лидерот на опозицијата, кој ги предводеше неодамнешните демонстрации во Ерменија, беше единствениот кандидат за функцијата. Нему потребни му беа најмалку 53 гласа за да биде назначен за премиер.
Ерменија се наоѓаше во политичка криза од 13 април кога опозициската партија ги започна протестите. По големиот одзив на улиците, премиерот и претходен претседател на Ерменија, Серж Саргсјан, поднесе оставка на 23 април.