Кина и Русија до Советот за безбедност на ОН доставија резолуција со која се препорачува укинување на некои санкции против Северна Кореја. Русија нагласи дека целта на тој предлог е да се поддржат и поттикнат преговорите меѓу Вашингтон и Пјонгјанг, но САД одговорија дека се уште не е време за олеснвање на санкциите.
Според резолуцијата, од санкциите би биле изземени некои севернокорејски производи, како што е текстилот или морската храна. Исто така, би била укината забраната за работење на севернокорејски државјани во странство.
Се уште не се знае кога Русија и Кина ќе побараат гласање за тој предлог, но за негово усвојување потребни се девет гласови, под услов ниту една од земјите членки да не стави вето.
Во нацрт-резолуцијата на Русија и Кина се повикуваат сите страни да ги намалат воените тензии на Корејскиот полуостров.
Документот ги повикува сите заинтересирани страни да размислат за спроведување понатамошни политички чекори за намалување на воените тензии на Корејскиот Полуостров и можноста за каков било воен конфликт.
– Ова би значело, меѓу другото, склучување договор меѓу воени претставници и усвојување на официјална декларација или мировен договор за (официјалниот) крај на војната во Кореја – се наведува во нацрт-резолуцијата.
Дипломатски извор од ОН за руската агенција Тасс изјави дека се уште не е утврден датумот на гласање. Тој додаде дека пред гласањето на документот, ќе се одржат консултации со сите земји-членки на Советот за безбедност на ОН.