Кашоги бил убиен со прекумерна доза седативи, ќе бараме смртна казна, изјави саудискиот главен јавен обвинител.
Саудискиот главен јавен обвинител ги соопшти и официјално деталите од убиството на новинарот Џамал Кашоги. Ќе се бара смртна казна за директните извршители на монструозното убиство, пренесува Си-ен-ен.
Како што беше соопштено на конференција за новинарите во Ријад, обвинителството ќе бара смртна казна за пет луѓе кои биле директно вмешани во убиството на колумнистот на Вашингтон пост.
Од вкупно 11 лица кои се обвинети, петте лица кои се соочуваат со смртна казна биле директно вклучени во „наредувањето или извршувањето на злосторството“.
Саудијците изнесуваа различни приказни за смртта на новинарот со саудиско потекло, а дури на почетокот целосно негираа какви било сознанија за тоа пред да признаат дека група „одметнати“ извршители се одговорни за смртта на Кашоги.
Ријад со денови негираше дека има какви било информации за тоа што се случило со Кашоги по влегувањето во саудискиот конзулат во Истанбул на 2 октомври, а дури откако беа отстранети клучните докази, на турските инспектори им беше дозволено да влезат во зградата на конзулатот. Од моментот кога Кашоги бил убиен до тогаш минаа веќе 10 дена.
Саудиска Арабија потоа соопшти дека не знаела дека се подготвувало убиство на Кашоги, иако беше објавен идентитетот на сите лица од безбедносните служби на Ријад кои влегле во Истанбул истиот ден кога Кашоги бил во конзулатот, и кои истиот ден заминале од Турција.
Од тогаш се објавуваат морничани детали од убиството на новинарот. Телото официјално сѐ уште не е најдено, како ни нарачателот на убиството. Повеќето медиуми сметаат дека зад сѐ стои принцот престолонаследник Мохамед бин Салман, „омилениот син“ на саудискиот крал и фактички лидер на земјата, кој веќе беше во фокусот на вниманието поради апсења на неистомислениците.
Меѓутоа, тоа денес го негираше главниот јавен обвините, кој кажа дека Бин Салман не е вмешан во убиството на Кашоги, пренесуваат агенциите.
Обвинителот откри и дека лицето што го наредило убиството на новинарот е шефот на преговарачкиот тим кој бил испратен во Истанбул за да го врати во Саудиска Арабија.
Тој кажа и дека, според официјалните резултати на истрагата, Кашоги настрадал откако му била вбризгана смртоносна инјекција од средство за смирување, по што умрел. Неговото тело потоа било распарчено и во делови изнесено од конзулатот.