Уште првиот ден откако Канада ја легализира конзумацијата на марихуаната, во некои делови од таа земја дојде до недостиг од канабис поради преголема побарувачка. По промената на законот, Канаѓаните чекаа во редици пред продавниците специјализирани за продажба на лесната дрога, па голем број дуќани ја распродадоа цела резерва уште првиот ден.
Онлајн продавниците, поради голем број нарачки, исто така се најдоа во небрано и доцнеа со доставата на канабисот до купувачите. Граѓаните се предупредени дека доставата на тој производ може да доцни и до пет дена поради штрајкот на вработените на поштенските служби кој е предвиден за следната недела.
Голем број трговци, но и државата Канада, сепак ги тријат рацете. За набавка на марихуана граѓаните на Нова Шкотска, најмалата покраина во Канада, првиот ден потрошиле 600.000 канадски долари (околу 440.000 евра).
Во меѓувреме, канадската полиција почна да ги дели и првите казни за возење под дејство на марихуана. Полициски службеник за Си-би-си изјави дека првата казна била издадена амо еден час откако конзумацијата на канабисот стана легална.
Инаку, по Уругвај, Канада изминатава недела, поточно во средата стана втората земја во светот каде слободно може да се купи марихуана.
Истражувања во САД – зголемен број сообраќајки во државите каде марихуаната е легална
Најновите истражувања во САД покажаа дека во државите во кои е легализирана марихуаната зголемен е бројот на сообраќајни несреќи. Американскиот Национален одбор за безбедност на патиштата објави дека маж кој во 2017 година во Тексас убил 12 лица, кога во автобус полн со патници удрил со камион, бил под дејство на марихуана. Во државите Вашингтон, Орегон и Колорадо, каде е дозволена употреба на марихуана во рекреациски цели, бројот на сообраќајни несреќи е поголем за 6 проценти во однос на соседните држави, каде се уште важи забраната.
Жителите на САД, пак, се изјасниле дека се за целосна легализација на марихуаната. Затоа од Националниот одбор за безбедност на сообраќајот очекуваат да се зголемува бројот на несреќите. Тие предлагаат обука на возачите, како и дополнителна безбедносна опрема во возилата, а да се намали бројот на жртвите и повредените.
Канадска фирма вработува дегустатори на марихуана за 50 долари од час
По целосната легализација во Канада, компанијата АХЛОТ бара луѓе кои ќе тестираат марихуана, слично на винските сомелиери, за да можат да ги детектираат вкусовите на различните видови канабис и да им ги опишуваат на муштериите.
-„Заработете 50 долари на час така што ќе го процените она што го нудат канадските одгледувачи“, стои во огласот на фирмата, во нејзината потрага по „експерти“ кои долго време консумирале марихуана и можат да ги разликуваат различните тревки.
По Ургугвај, Канада во средата стана втората земја во светот каде слободно може да се купи марихуана. Изминативе денови се отворија голем број продавници и фирмите велат дека ќе им биде сѐ потешко на купувачите да се одлучат, бидејќи се појавуваат нови брендови.
-„За ова работно место не е потребно физичко присуство, ниту, пак, престој во Торонто. Ги повикуваме кандидатите од цела Канада да се пријават“, изјавија од компанијата, додавајќи дека интересот бил огромен.