Данските власти денеска соопштија дека постојат сомнежи дека иранската разузнавачка служба се обидела да изврши напад на територијата на Данска.
– Нападот требало да биде насочен против данскиот огранок на Движењето на арапската борба за ослободување на Ахваз- прецизираше началникот на данските безбедносни сили Фин Борх Андерсен.
Ахваз е арапското име на иранската провинција Хузестан, која е богата со нафта и каде живеат Арапи.
Според Андерсон, во врска со овој случај на 21 октомври данските безбедносни сили уапсиле норвешки државјанин со иранско потекло.
– Масовната полициска операција во источна Данска кон крајот на минатиот месец беше дел од обидите на данските сили за безбедност да ја спречат иранската операција- додаде Андерсен.
На 22 октомври во Иран беше извршен терористички напад, при што загинаа најмалку 25 лица. Техеран тогаш го повика на разговор данскиот амбасадор во Иран и ја обвини владата во Копенхаген за заштита на припадници наДвижењето на арапската борба за ослободување на Ахваз, кое го смета за терористичка организација и го обвини дека стои зад нападот.
Данскиот министер за надворешни работи Андерс Самуелсен на Твитер објави дека Копенхаген ќе одговори на сомнежите за иранскиот обид за напад.