Командантот на иранската Револуционерна гарда, генерал Амир Али Хаџизаде изјави дека неговата единица презема „целосна одговорност“ за ненамерното соборување на украинскиот патнички авион. Генералот објасни дека единицата што го соборила авионот имала само десетина секунди да одлучи дали станува збор за непријателски проектил и дека имал проблеми со комуникациите.
Во своето обраќање на државната телевизија, Хаџизаде изјави дека кога дознал за соборувањето на авионот, при што загинаа 176 патници и членови на екипажот, „посакал да биде мртов“.
Иранските вооружени сили соопштија дека го замениле авионот со непријателска мета во момент на ракетните напади врз две воени бази во Ирак, во кои се стационирани американски трупи.
Нападите беа одмазда поради убиството на иранскиот врховен генерал Касим Сулејмани, кој загина во американскиот воздушен напад во Багдад.