Индиските власти донесоа претседателска уредба со која го укинаа специјалниот статус на државата Џама и Кашмир, што беше гарантиран со Уставот. Ова се смета за чекор без преседан кој може да предизвика немири.
Претседателскиот указ стапува на сила веднаш и тој ќе го замени членот 370 од Уставот што се однесува на Џама и Кашмир, се наведува во текстот што го пренесе владата.
Членот 370 од индискиот Устав се однесува на специјалниот статус на Џама и Кашмир во областа на одбраната, надворешните работи и комуникациите, а останатите прашања потпаѓаат под локалното законодавство.
Телефонските врски и интернет сервисите од денеска се суспенцирани во индискиот дел на Кашмир, а државните лидери се ставени во домашен притвор, пренесоа британските медиуми.
Индиските власти во Кашмир соопштија дека воведуваат рестрикции за јавни движења и дека ги затвораат сите образовни институции во главниот град Срингар.
И покрај критиките од опозицијата, веста за укинување на автономниот статус на Кашмир во Парламентот ја соопшти министерот за внатрешни работи Амит Шах.
Пред парламентот, исто така, беше претставен предлог закон за поделба на ова подрачје. Источниот дел Ладак, во кој живее будистичко мнозинство, ќе биде раздвоен.
Остатокот од Џама и Кашмир, што ги подразбира рамнините Џама со хиндуистичка популација на југот, и долината Шрингар со муслиманско мнозинство на северот, ќе го загубат статусот на федерална држава и ќе добие статус на „територија на Унијата“. Тоа значи дека ќе биде под директна власт на Њу Делхи и нема да има речиси никаква автономија.
–Денеска е најцрниот ден за индиската демократија – напиша на Твитер поранешната шефица на власта во Џама и Кашмир, Мехбуба Муфти.
Според неа, едностраната одлука на индиската Влада за укинување на членот 370 од Уставот е незаконска и противуставна, со што Индија станува окупациска сила во Џама и Кашмир.
Од 1989 година бунтовниците во овој регион се борат за независност на Кашмир од Индија и припојување кон Пакистан, државата која контролира дел од оваа територија.
Проценките се дека од почетокот на конфликтот досега загинале 68.000 лица.