Усама Атар е идентификуван како „мозокот“ зад терористичките напади извршени во Париз и Брисел во ноември 2015 и март 2016 година, открива белгискиот весник „Стандард“.
Атар координирал и три други напади во Франција и Белгија во текот на тие две години директно од Сирија.
Емир Усама Атар (35), познат и како Абу Ахмед ги планирал нападите од Сирија, додека на терен во Европа за координација бил задолжен Абделхамид Абауд, еден од најпознатите терористи во Белгија.
Ова е заклучокот на извештајот на француското обвинителство до кое дошле новинарите на белгискиот Стандард.
Десетици терористи кои служеле како борци во војната во Сирија се вратија во текот на 2015 година во Европа каде почнале тајно да ги подготвуваат нападите на европско тло. Абауд бил еден од нив, открива извештајот, и е првиот кој од Белгија повторно се враќа во Сирија со цел координација на атентатите. Мнозинството повратници од Сирија биле Белгијци и Французи, неколку Сиријци, еден Швеѓанец и еден Тунижанец.
Усама Атар, белгиски државјанин, е „несомнено“ идентификуван како лицето кое ги планирало сите напади директно од Сирија, стои во извештајот на француското обвинителство. Според разузнавачките служби на Франција и Белгија, Атар бил многу близок со вториот човек на терористичката група Исламска Држава, Абу Мохамед Ал Аднани, и го познавал Абу Бакр Ал Багдади.