Војниците им се приклучија на пожарникарите во потрагата по исчезнатите во Гватемала, по ерупцијата на вулканот Фуего во неделата, по што потоци жешка лава, камења, пепел и кал збришаа цели села. Најтешко се погодени Ел Родео и Сан Мигуел Лос Лотес.
Официјалната бројка на жртви се зголеми на 69, соопштија властите. Илјадници луѓе се сместени во привремени засолништа.
Вулканолозите велат дека активноста на Фуего е намалена, што според нив значи само дека нема да има ерупција во блиска иднина.
-Евидентно е дека енергијата на вулканот е намалена и нејзината тенденција продолжува да опаѓа, што значи дека нема да има неминовна ерупција во текот на следните неколку дена, рече шефот на Националниот институт за сеизмологија на Гватамала, Еди Санчез.
Вулканологот Жанине Крипнер апелира луѓето да не го потценуваат ризикот од пирокластични излевања и вулканските поплави, познати како лахари.
– Фуего е многу активен вулкан, има доста вулкански материјал и тоа во области каде паѓаат обилни дождови, така што кога ќе настапи сезоната на дождови тие ќе ги измиваат овие излевања, кои имаат многу остатоци и карпи, што се крајно опасни и смртоносни, вели Крипнер.