Свет 12. јануари 2021. / 19:15

Германската полиција го разби најголемиот даркнет пазар во светот

Германската полиција го разби најголемиот даркнет пазар во светот

Во акцијата, предводена од германската полиција, е разбиен најголемиот даркнет пазар на светот, кој се користел за продажба на дрога, украдени податоци за кредитни картички и малициозни програми, пренесе АФП.

Во моментот на затворањето, Дарк маркет имал скоро 500.000 корисници на кој повеќе од 2.400 трговци низ светот продавале нелегална стока и информации. Овој црн пазар на даркнет особено процветал за време на пандемијата, кога трговијата со дрога од улиците се преселила на Интернет односно на даркнет.

Полицијата во северниот германски град Олденбург, според соопштението на обвинителите, „викендов успеа да го уапси водачот на најголемиот илегален пазар во светот на даркнет“.

Истражителите успеаја да го затворат пазарот и да го исклучат серверот во понеделникот, се вели во изјавата на обвинителството, нарекувајќи ја акцијата кулминација на повеќемесечната истрага на меѓународните полициски сили.

Најмалку 320.000 трансакции биле направени преку Дарк маркет, а за плаќање биле користени криптовалутите биткоин и монеро.

Вкупната вредност на трансакциите се проценува на 140 милиони евра. На Дарк маркет се продавала дрога, фалсификувани пари, украдени и лажни податоци за кредитни картички, анонимни СИМ картички, малициозен софтвер и повеќе, соопшти обвинителството.

Во акцијата на границата меѓу Германија и Данска е уапсен 34-годишен маж со австралиско и данско државјанство, а повеќе од 20 сервери биле запленети во Молдавија и Украина. Тој бил изведен пред судија, но одбил да даде изјава.

Истражителите очекуваат дека податоците од овие сервери ќе помогнат во нови истраги против модераторите, продавачите и купувачите на Дарк маркет, изјавија обвинители.