Франција за првпат ја зазема позицијата на главна европска дестинација за нови странски инвестиции, оставајќи ги зад себе Велика Британија и Германија, покажува истражувањето на консултантската фирма „EY“.
Минатата година Франција привлекла 1.197 странски инвестициски проекти што е за 17 проценти повеќе од 2018 година.
На второ место е Велика Британија со 1.109 проекти, пет проценти повеќе од една година порано. Следува Германија со 971 проект, што е непроменет број во однос на претходната година.
Истражувањето на деловниот сектор на „EY“, спроведено кон крајот на април, исто така, покажува дека многу од ваквите проекти во Франција може да бидат ревидирани како резултат на корона-кризата.
Две третини од анкетираните деловни лидери очекуваат оваа година да ги ревидираат плановите за инвестиции поврзани со Франција, а 15 проценти да ги одложат до 2021 година.