Француската влада ќе „вметне“ тим од регулатори во Фејсбук, чија задача ќе биде да најдат начин како најдобро да се изборат против ширењето говор на омраза на интернет, изјави претседателот на Франција, Емануел Макрон.
Новата пилот-програма, со која француските регулатори ќе бидат дел од Фејсбук шест месеци и ќе имаат задача да предложат конкретни мерки за борба со говорот на омраза, беше најавена во понеделникот, на отворањето на годишниот Форум за управување со интернетот кој се одржува во Париз.
Макрон објасни дека ова е прва ваква програма и дека е експериментална, но многу важна како прв чекор во борбата со говорот на омраза. Ваквиот чекор е резултат на средбата меѓу Макрон и основачот на Фејсбук, Марк Закерберг во мај оваа година.
Целта на регулаторите, кои во јануари ќе отпатуваат во седиштето на компанијата во Даблин, е да видат како Фејсбук детектира вакви кометари, ги анализира и ги брише од својата платформа.