Одборот за култура и образование на Европскиот парламент зазема став дека е неопходно да се поддржат медиумите за да ги надминат последиците од кризата предизвикана од Ковид-19.
Претставници на Европскиот парламент наведуваат дека медиумите и новинарскиот сектор се клучни за навремена и точна информација за јавноста, но исто така се соочуваат со големи загуби, првенствено поради падот на продажбата на рекламниот простор за дури 80 проценти.
Тие се нашата одбрана од лажните вести и дезинформации. Во исто време, тие се сериозно погодени од падот на приходите од реклами и од фактот дека нивната иднина е неизвесна – предупредуваат европратениците.
Членовите на Одборот за култура и образование побараа од Европската комисија, дел од фондовите наменети за обнова на економијата по пандемијата да биде обезбеден за медиумите, како и за културните институции, уметниците и добротворните организации.