Свет 05. октомври 2019. / 13:03

Ескалација на насилствата во Хонг Конг, затворено метрото

Ескалација на насилствата во Хонг Конг, затворено метрото

Во синоќешните судири на протестите во Хонгконг повредени се 31 лице, од кои две се во сериозна состојба. Поради ескалацијата на состојбата, операторот на метрото „МТР Корп“ соопшти дека мрежата во која дневно се превезуваат пет милиони патници, денеска нема да работи, а затворени ќе бидат и некои трговски центри и супермаркети.

– Со оглед на тоа што повеќе не сме во состојба да обезбедиме безбедни и сигурни услуги за патниците во овие околности, корпорацијата нема друг избор освен да донесе одлука да го прекине работењето на целата своја мрежа – се наведува во соопштението на компанијата.

Демонстрантите запалиле оган на неколку станици, како и во еден празен воз, при што се повредени двајца работници во метрото.

Затворени се и десетина трговски центри, супермаркети и филијали на кинески кои беа цел на демонстрантите.

Полицијата соопшти дека еден полицаец пукал во самоодбрана откако демонстрант кон него фрлил експлозивна направа и го повредил. Медиумите тврдат се работи за 14-годишно момче, а градската болница соопшти дека неговата состојба е стабилна.

Полицијата во Хонгконг вчера употреби солзавец за да ги растера демонстрантите кои блокираа улици во финансискиот центар на градот, неколку часа откако владата имплементираше одредби од Законот за вонредни состојби, кој последен пат беше применет пред повеќе од пет децении.

Врз основа на тој закон, од утре се воведува забрана за носење маски за лице кои демонстрантите ги носат, најмногу за да го скријат својот идентитет.