Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека тоа што во моментов се случува во сиријскиот град Идлиб може да се нарече војна.
– Тоа што се случува во Идлиб може да се опише со помош на зборот војна. Веќе започнавме со свои операции на тоа место, изјави Ердоган.
Тој додаде дека телефонски ќе разговара со Владимир Путин за ситуацијата во Сирија, како и дека акциите на Турција ќе зависат од резултатите од тој повик.
– Денеска ќе разговарам со Путин околу 16 часот. Ќе дискутираме за се што се случува во Идлиб. Резултатите од тој разговор ќе го одредат однесувањето на Турција. Нема да ги напуштиме нашите позиции во Сирија додека таму трае насилство од страна на сириската влада, изјави Ердоган, пренесува Спутник.
За време на операциите во Идлиб, кои се одвиваа со поддршка на војската на Турција, според кажувањето на Ергдоган ликвидирани се околу 150 сириски војници, уништени се 12 тенкови, три оклопни возила и 14 против-воздушни системи.
Турскиот лидер соопшти дека лидерите на Франција и Германија, Емануел Макрон и Ангела Меркел му предложиле на Путин на 5-ти март во Истанбул да одржат самит за Сирија.