Во наредните неколку недели ќе се распише тендер и ќе започне спроведувањето на проектот „Истанбулски канал“, изјави турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган.
– Во наредните недели ќе го распишеме тендерот и ќе го започнеме проектот „Истанбулски канал“. Не станува збор за проект кој е почнат пред една недела или една година, ова е чекор направен во последните месеци од мојот мандат како градоначалник на Истанбул – рече Ердоган.
Како што објави агенцијата Анадолија, Ердоган во Истанбул зборуваше на средба со турските извозници, при што се осврна и на актуелните случувања.
„Истанбулскиот канал“ е еден од најголемите стратешки проекти во Турција и планира да го елиминира растечкиот ризик што го предизвикуваат бродовите што сообраќаат помеѓу Црното и Мраморното море, а особено сообраќајот на танкерите низ Босфор.
Според турските власти, шест големи несреќи предизвикале смрт на 100 луѓе и протекување на 108.000 тони нафта во Босфор од 1960-тите.
Каналот со должина од 45 километри ќе биде изграден западно од центарот на градот, на европската страна на провинцијата Истанбул и треба да го зголеми дневниот капацитет од 160 бродови.
Ердоган зборуваше и за турската економија и рече дека земјата е цврсто посветена на зајакнување на извозот на 500 милијарди американски долари.
– Никогаш не сме биле поблиску до целта на голема и моќна Турција – истакна Ердоган.