Свет 13. јануари 2021. / 16:18

Домаќинствата во Шведска и во Финска без струја поради обилни врнежи од снег

Домаќинствата во Шведска и во Финска без струја поради обилни врнежи од снег

Илјадници домаќинства во северна Шведска и во јужна Финска денеска останаа без електрична енергија по обилните врнежи од снег, а синоптичарите предупредуваат дека регионот на Балтичко Море ќе се соочи со поларни температури.

Околу 4.000 домаќинства во југозападна Финска се без електрична енергија, јави финската телевизија YLE, а властите соопштија дека бројот може да се зголеми.

Во Шведска, снабдувачот со електрична енергија „Еон“ соопшти дека се погодени околу 3.000 домови, додавајќи дека прекините на електричната енергија ќе траат подолго од вообичаеното, затоа што некаде е можно да е премногу ризично да се испраќаат работници за одржување.

Шведската метеоролошка служба информира дека снежните врнежи во северниот дел на земјата во последните 24 часа, сè уште се очекувани, но со послаб интензитет. Во таа земја беше формирана снежна покривка висока до 60 сантиметри.

Во соседна Финска се очекуваат помалку врнежи, но и екстремно ниски температури од минус 25 степени на југ до минус 40 во регионот на Арктикот.