Во пресрет на самитот на НАТО што се одржува на 11 и 12 јули во Брисел, растат тензиите помеѓу 29 земји сојузници. Ова особено е нагласено по писмата што американскиот претседател Доналд Трамп ги испрати до десет земји барајќи од нив да платат повеќе во НАТО буџетот за колективната одбрана и по најавата за средба Трамп – Путин закажана за 16 јули во Хелсинки.
Непредвидливоста на однесувањето на Трамп, растечките тензии помеѓу сојузниците и можното доближување на САД со Русија внесуваат несигурност во Европа.
Само четири дена по самитот на НАТО во Брисел, Трамп ќе се сретне со рускиот претседател Владимир Путин. Целта на средбата е да се види дали Москва има намера да ги намали тензиите со Вашингтон.
Во еден скорешен твит Трамп напиша дека е можно тој да оствари добри односи со Путин. Пред самитот Г-7 Трамп сугерираше дека би било добро Русија повторно да се интергира во оваа група на најмоќни земји на светот. Русија беше исклучена по анексијата на Крим.
Така, многу сојузници денес се прашуваат дали Трамп е подготвен да го смени ставот на анексијата на Крим и тоа да му го прости на Путин. И дали ангажманот на Трамп на источната граница на НАТО ќе остане еднакво цврст во корист на сојузниците кои имаат испратено трупи во Летонија на заеднички НАТО вежби.
Меркел во саботата, во видео порака, порача дека НАТО мора да се фокусира на својот источен дел за да се одбрани од можна руска агресија и додаде дека тоа е значајно по по анексијата на Крим од страна на Москва и воените руски активности во источна Украина. Оваа изјава покажува дека најсилната европска земја верува во силната релевантност на воената алијанса.