Кутбетин, братот на исламскиот проповедник Фетулах Ѓулен е осуден на 10 години и шест месеци затвор, во Турција, поради наводно членство во вооружена терористичка група, објавија турските медиуми.
Тој беше осуден на затвор во вторникот од страна на судот во Измир, а се тврди дека Кутбетин Ѓулен, кој беше притворен во Денизли од октомври 2016 година, не присуствуваше на изрекувањето на пресудата.
Неговиот брат Фетулах Ѓулен, кој живее во егзил во САД, е осомничен дека е главен организатор на неуспешниот државен удар во јули 2016 година. Оттогаш илјадници граѓани се уапсени во Турција под сомневање дека се поврзани со неговото движење, а повеќе од 110.000 државни службеници беа отпуштени или суспендирани, вклучувајќи ги и припадниците на војската, полицијата и новинарите.
Официјална Анкара постојано бара од САД да го екстрадираат Ѓулен, сепак, Вашингтон одби.