Свет 18. мај 2019. / 12:29

Австриската влада ја тресе скандал: Заменик канцеларот барал мито за бизнис услуги

Австриската влада ја тресе скандал: Заменик канцеларот барал мито за бизнис услуги

Австрискиот канцелар Себастијан Курц свика итна средба со својот заменик Хајнц Кристијан Штрахе со кој одбива понатамошна соработка по синоќешното објавување видео-снимка која коалицискиот партнер го сомничи за обид за корупција, јавува Ројтерс повикувајќи се на австриската агенција АПА.

Австриската коалициска влада е на раб на распаѓање откако германски медиуми објавија видео снимка на која Штрахе ѝ нуди на руска компанија поволности во замена за политичка поддршка.

Претседателот на десничарско-популистичката Слободарска партија на Австрија (ФПО) Штрахе пред парламентарните избори во Австрија во 2017 ѝ понудил на руска претприемачка предност при доделувањето на јавните тендери во замена за донации за предизборната кампања на ФПО, објавија вчера германските медиуми Шпигл и Зидојче цајтунг, објавувајќи тајно снимени видеа.

На снимките доставени на германските медиуми Штрахе и неговиот соработник Јохан Гуденус, сегашниот претседател на пратеничкиот клуб на ФПО, во јули 2017, два месеци пред парламентарните избори во Австрија, во вила на Ибица разговараат со жена која се претставува како внука на руски олигарх кој сака да вложи 250 милиони евра во австриската економија.

Иако соговорничката во неколку наврати повторила дека станува збор за нелегални пари, Штрахе и Гуденус на наводната инвеститорка ѝ понудиле да го купи најтиражниот австриски дневник Кронен цајтунг.

-Ако три недели пред изборите го преземете Кронен цајтунг и нѐ поддржите да стигнеме до врвот, тогаш можеме да зборуваме за се, вели Штрахе во видеото.

Шпигл и Зидојче цајтунг пишуваат за „класична местенка“ во која е вовлечен актуелниот вицеканцелар.

Генералниот секретар на партијата Кристијан Хафенекер истакна дека ни Штрахе ни Гуденус „на никаков начин“ не профитирале материјално како резултат на овој разговор.

Хафенекер во соопштението го постави прашањето кој една недела пред изборите за Европскиот парламент има корист од објавувањето на снимките.

Објавувањето на видеото синоќа во Австрија меѓу опозицијата одекна како бомба, а повеќето опозициски политичари бараат распишување нови избори.