Свет 07. април 2019. / 10:50

Американскиот потпретседател Пенс најави нови санкции за Венецуела

Американскиот потпретседател Пенс најави нови санкции за Венецуела

Американскиот потпретседател Мајк Пенс најави нови санкции за Венецуела и „посилна акција“ против Куба затоа што ѝ помага на владата на актуелниот претседател Николас Мадуро.

Пенс пред околу 300 луѓе во Хјустон најави дека ќе се воведат нови финансиски санкции за Венецуела за да се спречи Мадуро да го зема профитот од продажбата на нафта.

„Соединетите Држави ќе продолжат да го вршат целиот дипломатски и економски притисок за да дојде до мирна транзиција кон демократија во Венецуела“, рече Пенс.

Продажбата на нафта тој ја нарече „витална жила на еден корумпиран режим“, објави АП.

Венецуелската влада објави дека е подготвена да се спротивстави на американските санкции преку правни мерки.

„Венецуела уште еднаш укажува дека ниедна империјалистичка акција нема да ја поткопа соработката на слободните и независни држави и предупредува дека ќе одговори со правни мерки“, соопшти Министерството за надворешни работи на Венецуела.

Министерството оцени дека американските санкции ги кршат меѓународното право и основните економски права.