Свет 11. декември 2019. / 13:46

Активноста на вулканот на Нов Зеланд ја одложи потрагата по жртвите

Активноста на вулканот на Нов Зеланд ја одложи потрагата по жртвите

Вулканот на Нов Зеланд повторно исфрли пареа и кал при зголемена активност, што доведе до ново одложување на потрагата по телата на жртвите од смртоносната ерупција пред два дена.

Вулканската активност на Белиот остров се зголеми утринава, проследена со исфрлање на пареа и кал, што не е забележано од ерупцијата во 2016 година, соопшти новозеландската агенција за надзор на сеизмичкото следење ГеоНет.

– Ги толкуваме овие сигнали како доказ за постојан висок притисок на гас внатре во вулканот. Ситуацијата и понатаму е неизвесна во врска со идните активности и веројатно во следните 24 часа ќе се случат уште ерупции – наведува агенцијата.

Премиерката на Нов Зеланд, Џасинда Ардерн изјави дека овој вулкан е многу непредвидлив и веројатно ќе се разгледува прашањето дали во иднина ќе биде отворен за туристите.