Спорт 29. октомври 2018. / 19:56

Играч на Сао Пауло пронајден мртов во грмушки без глава и гениталии

Играч на Сао Пауло пронајден мртов во грмушки без глава и гениталии

Офанзивниот халф на клубот Сао Пауло, Даниел Кореа Фреитас, кој важеше за еден од најперспективните фудбалери, е пронајден мртов во грмушки во градот Сао Жозе до Пињаис во бразилската сојузна држава Парана.

Според полицијата, тој бил убиен на „исклучително брутален начин“. Телото му било обезглавено, а неговите гениталии – отсечени. Се верува дека убиството било извршено во саботата вечер по локално време, а клубот ја потврди неговата смрт денеска.

Засега не е познат сторителот на ова сурово дело и неговите мотиви.

Инаку, телото на Фреитас било пронајдено во оддалечен дел од градот, каде што локалното население често наоѓало трупови. Тој бил убиен на улица и бил влечен околу 30 метри до грмушките.

– Сао Пауло жали за смртта на својот фудбалер Даниел Кореа Фреитас. Клубот сочувствува со неговите најблиски за нивната трагична загуба и им упатува најискрено и длабоко сочувство, објави клубот на Твитер.

Даниел Фреитас, кој имаше 24 години, беше дел од Сао Пауло од 2015 година, при што ги помина претходните две сезони како изнајмен играч. Во текот на оваа сезона тој се врати во бразилскиот гигант.