Легендарниот поранешен аргентински фудбалер, Диего Армандо Марадона е хоспитализиран во Аргентина.
Марадона, кој е еден од најдобрите играчи на сите времиња, е примен во болница во градот Ла Плата, каде што работи како тренер на клубот Гимназија Ла Плата, само три дена откако го прослави неговиот 60. роденден.
Во извештаите на аргентинските медиуми се вели дека Марадона бил подложен на тестови, но не се открива неговата состојба ниту причината за хоспитализацијата.
Како што пишува весникот „Ла Насион“, иако Марадона „не е во вонредна состојба“, тој и неговиот лекар, неврохирургот Леополдо Луке, се согласиле дека мора да биде во болница. Весникот пишува дека Марадона, кој страдаше од здравствени проблеми во минатото, ќе биде преместен во објект за долготрајна грижа во Буенос Аирес.
Од весникот додаваат дека Марадона не бил заразен ниту има симптоми на Ковид-19.
Аргентинскиот новинар Андрес Кантор од телевизиската мрежа „Телемундо“ на Твитер објави дека Марадона не претрпел мозочен удар, како што шпекулирале некои, туку дека треба да помине три до пет дена во болница поради неговите проблеми со алкохолот и лошата емоционална состојба.