Скопје 04. декември 2018. / 23:06

Жителите на Шутка без струја, протестираат пред ЕВН

Жителите на Шутка без струја, протестираат пред ЕВН

Вечерва група граѓани од Шуто Оризари протестираат пред корисничкиот енерго центар на ЕВН Македонија на улица „Босна и Херцеговина”, изразувајќи незадоволство од прекините во снабдувањето со електрична енергија. Поради протестот блокирана е крстосницата на ул. „Ќемал Сејфула” со ул „Босна и Херцеговина” во населба Шуто Оризари.

Портпаролот на ЕВН Атанас Ковачевски за МИА изјави дека со падот на температурите последните неколку дена има прекини во снабдувањето со електрична енергија на бул. Македонско-косовска бригада во населбата Шуто Оризари поради неконтролираното и кај одредени корисници нелегално користење на електричната енергија.

-Во овој регион се детектирани злоупотреби во мрежата од страна на корисниците и секако дека за време на зимскиот период кога потрошувачката е поголема, се случуваат прекини во снабдувањето со електрична енергија. Потребно е да се направи реконструкција на нисконапонската дистрибутивна мрежа, а таа ќе може да се направи кога корисниците ќе им дозволат на вработените на ЕВН Електродистрибуција да работат. ЕВН не е проблем за оваа ситуација туку напротив, ЕВН е решение за истата. Со реконструкцијата на мрежата ќе се стабилизира снабдувањето и ќе се стави ред во потрошувачката на електрична енергија – вели Ковачевски.