Петре Шилегов со еден потпис одлучи да ја урне Универзална сала. Најнеспособниот градоначалник на Скопје ќе ја урива салата која буди спомени на илјадници скопјани. На само неколку дена по годишнината од скопскиот земјотрес, Шилегов приреди нов земјотрес, велат од ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение.
Шилегов и СДСМ, како што велат, три години ги лажат скопјани дека ќе го враќале духот на вистинското Скопје, вчера одлучија да се сруши Универзална сала, а за тоа ниту ги прашаа граѓаните, ниту стручната јавност, туку сами на своја рака ставија крај на една сала од која произлегле голем број на таленти.
Симболот на Скопје, салата во која се организирани голем број на приредби, концерти и настани со кои пораснаа десетици генерации оди во историјата со одлука на Петре Шилегов и СДСМ, тоа е спротивно на сите нивни ветувања во предизборните програми дека ќе ја реновираат салата и дека ќе ја подобрат нејзината функционалност, се наведува во партиското соопштение.
Оттаму додаваат дека Петре Шилегов станува џелатот на Скопје, не само што не гради ништо ново, туку го руши и она кое некој друг го направил и го оставил на генерациите по него.
Со уривањето на Универзална Шилегов го урива и еден од симболите на солидарноста, од која се изгради постземјотресно Скопје.
Петре Шилегов и СДСМ само уништуваат и создаваат хаос, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.