Претседател на ВМРО-ДПМНЕ Гази Баба, Бобан Стефковски обвини за уште една лага на СДСМ. Како што вели тој, веќе четири години иако се планираат средства од буџетот на Гази Баба, сѐ уште не е изграден највениот спортско-рекреативен центар Стајковци-Црешево.
Тој денеска беше на самото место каде требаше да „никне“ овој проект, но таму има само празна ливада.
– Се наоѓаме во атарот на населеното место Црешево, на локацијата каде досега требаше да биде изграден спортско рекреативниот центар Стајковци-Црешево. Како што можете да видите и самите во позадина се наоѓа една празна ливада. Овој проект е доказ за уште една колосална лага на градоначалникот Георгиевски, вели Стефковски.
Тој вели дека веќе 4-та година градоначалникот Борис Георгиевски нема слух за овој проект иако секоја година се планирани средства во буџетот за започнување на овој проект. Проект е од особено значење на жителите кои гравитираат во овој регион.
– За жал, Градоначалникот нема слух ниту за потребата на граѓаните за изградба на фекална канализациона мрежа во Црешево, Булачани, Раштак, Виниче, потоа потребата од питка вода за пиење во Раштак и Булачани, водоснабдителен систем за жителите на Страчинци и многи други потреби на граѓаните од овој регион но и од цела Гази Баба.
Стефковски смета дека има многу ветувања од страна на локалната власт предводена од Георгиевски, но реализација нема.
– Гази Баба е претворена во општина која стагнира на секое поле, нема развој, нема капитални и инфраструктурни проекти. За помалку од 9 месеци Општина Гази Баба ќе добие одговорна локална власт која ќе се грижи и ќе ги решава потребите и проблемите со кои се соочуваат граѓаните, завршува Стефковски.